Прв состанок на советодавната мрежа и работилница со потенцијални партнери

LIFE Programme Како да се решат проблемите со енергетската ефикасност во станбените згради и индивидуалните куќи? Денеска заеднички на ова прашање бараа одговор претставници на надлежните државни институции, локалната самоуправа, компаниите од секторите енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, банките, градежните компании и граѓанскиот сектор. На работилницата што во рамките на проектот OSS Habitat се одржа во хотелот „Панорамика“ во Скопје, присутните дискутираа за приоритетните потреби за креирање на ефикасен систем на услуги за граѓаните при реновирањето на нивните куќи и станбени згради со мерки за енергетска ефикасност. Долгите административни процедури, непримената на законската регулатива за енергетска ефикасност во домувањето, непостоењето на систем на едноставни дигитални услуги и недостигот на финансиски модели особено за граѓаните соочени со сиромаштија беа посочени како приоритетни проблеми. Со цел да се надминат состојбите, на денешната работилница за првпат во државата беше основана Советодавна мрежа на заинтересирани страни како неформално тело кое во наредниот период ќе придонесе за успешноста на системот што ќе ги нуди сите услуги поврзани со енергетската ефикасност на едно место. Проектот OSS Habitat е финансиран од Европската унија.

Прочитај повеќе